Во периодот од 11 септември до 6 октомври 2026 година, припадниците на 1. пешадиски баталјон и 3. пешадиски баталјон од составот на 1. пешадиска бригада на армискиот полигон „Криволак“, на полигонот за обука во касарната „Чеде Филипоски – Даме“ во Кичево, во реонот на „Суво Поле“ и на стрелиштето „Осој“ реализираа обука за извидувачки единици со мобилен тим за обука од Вооружените сили на Обединетото Кралство.
Во текот на реализацијата на обуката фокусот беше ставен на правилната примена на тактиките, техниките и процедурите при извршување на основните и напредните извидувачки задачи, како во офанзивни така и во дефанзивни операции и тоа: заседа, препад и упад во објекти, одредување на зборно место пред целта, набљудување од набљудувачки места, урбани операции, реакција на дронови, блиско извидување и препад.
Преку теоретски и практични активности, припадниците на извидувачките единици ги надоградија своите вештини во изработка и функционирање на набљудувачница, извидувачко-разузнавачки тактики, тактики и цели на патролирање, техниките и процедурите на маскирање, тактичко движење и навигација, набљудување и патролирање, остварување и прекин на борбен контакт со непријателски единици, места за привремено засолнување и набљудување.
Во текот на обуката, припадниците покажаа висока мотивираност и посветеност во реализација на задачите, ги зајакнаа извидувачките вештини во одржливоста на извидувачката сила за унапредување на интероперабилноста со извидувачките единици на НАТО.
Обуката со инструктори од Вооружените сили на Обединетото Кралство е дел од континуираниот процес за обука на припадниците на Армијата. Во рамките на овој процес, во изминатиот период се реализираа и други форми на обука, меѓу кои индивидуална обука, обука за лидери, одделенска обука, обука за блиска борба и обука за борба во урбана средина.








