На 16 октомври 2026 година заврши четиринеделниот „Курс за обновување на знаењето по англиски јазик“ (КОЗАЈ 2-26), кој се одржа во просториите на Центарот за странски јазици (ЦСЈ), Команда за обука и доктрини (КОД), во касарната „Илинден“ во Скопје. Заменик-командантот на КОД, полковникот Дарко Стојкоски ги подели сертификатите на слушателите за успешно завршениот курс.
КОЗАЈ е креиран од тим на професори од ЦСЈ, а го реализираа четири професорки од ЦСЈ со долгогодишно искуство во држење настава по англиски јазик. Професорките имаат посебна професионална обука за креирање наставни материјали и наменски курсеви.
КОЗАЈ е наменски курс кој се одржува два пати во годината чија основна цел е обновување на знаењето по англиски јазик, во поширокиот контекст на наставната програма од редовниот интензивен курс за ниво 2 во ЦСЈ. Овој наменски курс им овозможува на слушателите кои го учеле англискиот јазик, но активно не го употребувале на своите работни места, да го обноват и надградат своето знаење. Курсот опфати низа различни теми поврзани со современото живеење, посебни јазични изрази за комуникација, задачи за пишување и соодветни граматички содржини. Проверката на знаењето на крајот на курсот се изврши со одржување презентации преку кои слушателите успешно го демонстрираа знаењето стекнато во текот на курсот.








