Припадниците на Баталјонот за врски, денес со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата – 21 Октомври.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на Логистичката база полковник Мухарем Мухареми, началникот на Ј-6 во Генералштабот на Армијата, полковник Тони Наумовски, претставници од Командата за операции, од другите команди и единици на Армијата, поранешни команданти на Полкот за врски и Баталјонот за врски, како и претставници на организации и институции со кои што имаат соработка.
Пред присутните се обрати командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој ја истакна значајната улога на Баталјонот за врски во обезбедувањето сигурни, навремени и ефикасни комуникации, како основа за успешно командување и контрола во Армијата. Во своето обраќање, началникот на штаб, односно заменик-командантот на Баталјонот за врски, мајор Филип Пејоски се осврна на професионалноста, посветеноста и придонесот на припадниците на единицата во исполнувањето на поставените задачи и одржувањето на високото ниво на борбена готовност.
Во рамките на свеченоста, како признание за постигнатите резултати, професионалниот ангажман и посветеноста во извршувањето на задачите, на дел од припадниците на единицата им беа доделени стимулативни мерки од началникот на Генералштабот на Армијата и командантот на Командата за операции.
Одбележувањето на Денот на единицата беше проследено и со хуманитарни активности, со што припадниците на Баталјонот за врски уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност и солидарност. Во рамките на крводарителската акција беа собрани 41 крвна единица, додека преку хуманитарна акција беше реализирана донација за СОС Детско село – Скопје.
Со одбележувањето на Денот на единицата, припадниците на Баталјонот за врски ја потврдија својата професионална посветеност, тимскиот дух и подготвеноста за успешно извршување на задачите, во функција на ефикасното командување и контролата и исполнувањето на мисијата на Армијата.








