На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денес се одржа свечена церемонија на која питомците од 30-тата класа положија свечена заклетва.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, деканот на Воената академија полковник Ненад Танески, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Армијата, претставници на воено-дипломатскиот кор, како и родители и роднини на питомците.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање порача дека воената професија бара врвна физичка подготвеност, психолошка издржливост и висока дисциплина. Тој потенцираше дека силата на Армијата лежи во единството и меѓусебната доверба.
„Со максимална посветеност во наредните четири години ќе научите да носите одлуки кои ќе бидат клучни во заштитата и безбедноста на државата. Бидете тим и почитувајте се меѓусебно“, истакна Мисајловски, додавајќи дека заедничкото образование на кадетите е инвестиција во регионалната безбедност и пријателство.
Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, ги повика питомците секогаш да ја ставаат должноста пред личниот интерес, нагласувајќи дека добрите воени лидери водат со сопствен пример.
„Ќе се подготвувате да станете офицери што ќе умеат да размислуваат, да одлучуваат и да ги водат луѓето со личен пример. Но, запомнете: добриот офицер не се препознава само по тоа како командува, туку и по тоа како се однесува кон луѓето што му се доверени“, изјави полковник Танески.
Деканот упати и благодарност до военото раководство за тековните процеси на модернизација, опремување на Армијата и подобрување на воената инфраструктура, што директно придонесува за унапредување на условите за едукација и работа на Академијата.
Оваа година на Воената академија како дел од 30-тата генерација запишани се вкупно 34 питомци. Од нив, 28 питомци (20 мажи и 8 жени) се за потребите на македонската Армија, додека 6 питомци (4 мажи и 2 жени) се за Вооружените сили на Босна и Херцеговина.








