Како дел од планираните активности за обиколка и информирање на командите и единиците, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во изминатиот период ги посети армиските единици стационирани во касарните во Штип и Ќојлија, каде оствари средби со припадниците на овие единици.
За време на обиколката, разговорите беа насочени кон тековните активности, обуката, постигнатите резултати и приоритетите за натамошна модернизација, опремување и унапредување на оперативните способности на Армијата. Беше разговарано и за учеството во меѓународните мисии, интероперабилноста со сојузничките армии и подготвеноста за поддршка на цивилните институции.
Посебен акцент беше ставен на новото законско решение со кое се овозможува продолжување на кариерата во служба на Армијата и татковината на професионалните војници по навршувањето на 45-годишна возраст, сè до нивното пензионирање. На тој начин, соодветно се вреднуваат долгогодишната посветеност, знаењето и стекнатото искуство на армиските припадници. Досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и понатаму остануваат во сила за оние кои тоа ќе го изберат.
Обиколките на останатите команди, гарнизони и единици од страна на началникот на Генералштабот ќе продолжат и во наредниот период согласно утврдената динамика.








