Денес, во Генералштабот на Армијата, во организација на Амбасадата на Република Турција, се реализираше пригодна церемонија за доделување на сертификати на припадници на МО и Армијата, кои во текот на 2026 година завршиле јазичен курс по турски јазик.
Началникот на Одделението за меѓународна воена соработка, полковник Ментор Саити во своето воведно обраќање искажа благодарност за континуираната поддршка од страна на Република Турција во воената едукација, како и до Институтот за турски јазик „Јунус Емре“ за поддршката во реализирањето на јазичните курсеви. Притоа го истакна изучувањето на турскиот јазик како предност на припадниците на Армијата, кои се школуваат во престижните воени центри во Република Турција.
Одбранбеното аташе на Република Турција, полковник Кемал Башол, во своето обраќање се осврна на досегашната пријателска воена соработка меѓу двете Вооружени сили, меѓу кои е и военото образование и јазичните курсеви. Истакнувајќи го податокот дека припадници на нашата Армија кои го завршиле военото образование во Република Турција се наоѓаат на високи раководни воени позиции во Армијата, уште повеќе придонесува за продлабочување на меѓусебните односи.
Директорот на културниот центар и институт за турски јазик „Јунус Емре“, г. Јунус Дилбер истакна дека од 2013 година во нивниот центар, турскиот јазик го изучиле голем број на припадници на Армијата, од кои 9 се во овој последен циклус. Исто така началникот на секторот за изучување турски јазик г-ѓа Нурсел Тан Елмас истакна дека се задоволни од нивото на лицата кои учат турски јазик и дека со задоволство ќе продолжат со соработката во иднина.
На крајот на церемонијата на припадниците на Армијата им се врачија сертификатите за јазичниот курс, со кои ќе имаат можност по завршените школувања во воено образовните институции на Вооружените сили на Република Турција, да го трансферираат стекнатото знаење и искуства во матичните единици.








