Министерството за одбрана и Армијата, во периодот од 2 до 4 јуни 2026 година, во Скопје беа домаќини на 65-тата пленарна седница на Комитетот на началници на военомедицинските служби на НАТО (COMEDS). На седницата на која учествуваа претставници на земјите членки на Алијансата, партнерски земји и набљудувачи, главната цел беше унапредување на соработката и медицинската подготвеност во поддршка на колективната одбрана на НАТО.
Заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин за време на отворањето на седницата истакна дека современата безбедносна средина станува сѐ покомплексна и меѓусебно поврзана, при што вооружените конфликти, хуманитарните кризи, јавно-здравствените предизвици и новите безбедносни закани бараат координиран пристап и силна меѓународна соработка. „Ниту една држава не може самостојно да одговори на овие предизвици. Нашиот заеднички успех зависи од интероперабилноста, почитувањето на заедничките стандарди, иновациите и подготвеноста да учиме едни од други“, истакна генералот Нуредин.
Претседавачот на COMEDS, бригаден генерал Петер Иверсен, во оваа прилика го истакна македонското гостопримство, потенцирајќи дека тоа ја потврдува македонската посветеност кон солидарноста на сојузниците и медицинската подготвеност.
Во фокусот на дискусиите на 65-тата пленарна седница беа: унапредувањето на медицинската поддршка, интегрираниот пристап и соработката со цивилните и воените здравствени системи, а во насока на зајакнување на медицинската подготвеност.
Дополнително, учесниците разговараа и за: зајакнување на медицинските способности, интероперабилноста меѓу националните военомедицински системи, медицинската евакуација, логистичката поддршка, интегрирање на медицинските барања во оперативното планирање на НАТО, како и за искуствата и научените лекции од тековните операции и вежби.
Комитетот на началници на военомедицинските служби на НАТО е највисокото советодавно тело на Алијансата за прашања од областа на воената медицина. Комитетот обезбедува медицински совети до Воениот комитет на НАТО и претставува клучно советодавно и координативно тело за развој на военомедицинските политики, способности и стандарди во рамките на Алијансата.








