Како дел од воено-контакт програмата со САД за 2022 година и обврските кои ги имаме како НАТО земја членка, во период од 07.- 09.06.2022 година, во Домот на Армијата во Скопје се одржа Работилница за воспоставување национален систем за поддршка од земја домаќин.
Работилницата ја отвори полковник Васко Тошевски, началник на секцијата за логистичка поддршка од генералштабот на Армијата, а на истата учество земаа претставници од САД, Џон Мортон и Џејмс Бејтс, претставници на министерства и други органи на државната управа кои имаат одговорности за обезбедување на поддршката од земја домаќин од својот делокруг на работење како и претставници од секциите во генералштабот и прво потчинетите единици.
Република Северна Македонија почитувајќи ги обврските кои ги имаат земјите членки на НАТО е потребно да воспостави национален систем за поддршка од земја домаќин со кој ќе се овозможи подготовка и соодветен ангажман на органите на државната управа и Армијата како би се создале услови за непречен престој, изведување на операција или транзит на сојузничките сили низ територијата на државата.
Правилното функционирање на системот за поддршка од земја домаќин е од клучно значење за нашиот кредибилитет како сојузник и партнер.
Работилницата беше организирана со цел запознавање на другите министерства и државни органи со задачите кои Армијата ги извршува преку координативниот центар за поддршка од земја домаќин но и за запознавање со нивните надлежности и одговорности во обезбедувањето поддршка од земја домаќин на воените единици на сојузничките сили.