Претставници на генералштабот на Армијата под раководство на директорот на генералштабот генерал-мајор Зоран Милески во Домот на Армијата во Скопје одржаа дводневна работна средба со делегација од Вооружените Сили на Република Словенија предводена од бригаден генерал Иван Микуж.
На средбата од страна на учесниците преку стручни експертизи се разменија знаења и искуства во областите на воено организациската структура во НАТО и НАТО предводените операции, како и од областа на обука и вежби на билатерално ниво.
Преку разговорите со припадниците од генералштабот од секцијата за борбена готовност и операции преку споделување на искуствата во овој домен ќе се придонесе за поквалитетна изработка на Упатството за избор и селекција на персонал и единици за учество во мисии и операции предводени од НАТО, ЕУ и ООН, како и Упатството за избор и селекција на персонал кој се упатува на работа во НАТО командите и штабовите кои согласно утврдената динамика треба да се изработат во првиот квартал од следната 2020 година.
Воедно работната средба имаше и за цел за договарање помеѓу претставници од секциите за обука и вежби на заедничките активности од доменот на обука и вежби, развој на националната JTAC програма како и користење на потенцијалите на Армискиот полигон Криволак за комбинирани гаѓања и вежби.
Интензивираните билатералните експертски разговори со припадници на армиите на земјите членки на НАТО со кои имаме одлична билатерална соработка се со цел преку препораки и очекувани предизвици кои ни престојат во интегративниот процес за влез во НАТО да го заокружиме овој процес на побрз и поефикасен начин.