Во период од 15 до 19 март во касарната „Гоце Делчев“, во организација на секцијата за персонал и персонален менаџмент – Ј-1 од Генералштабот на Армијата се одржа „Курс за сеопфатно планирање на заеднички операции (Comprehensive Joint Operational Planning Course)“ под менторство на инструктори од мобилниот тренинг тим на „Hellenic Supreme Joint War College“ од Република Грција.
Целта на овој курс, кој го отворија началникот на Ј-1/ГШ на Армијата, полковник Марјанче Спасов и одбранбеното аташе на Република Грција во Република Северна Македонија, полковник Георгиос Акриотис беше обука за сеопфатно планирање на здружените операции со акцент на дефинирање на елементите, алатките и концептот на планирање на операции, принципите на планирањето и стратешките комуникации.
По завршување на теоретскиот дел на обуката, кој го опфаќа планирањето по фази и влијанијата врз планирањето на операциите коишто ги имаат политичкиот советник, правниот советник, цивилно-воената соработка, медиумите и почитување на законот за вооружен конфликт, во наредниот период, согласно билатералната соработка со Република Грција, ќе се планира и практичен дел, во кој стекнатото теоретско знаење, практично ќе се примени преку работа во одделни синдикати кои ќе планираат здружени операции.
Со комплетирање на оваа активност, учесниците од Армијата ќе бидат обучени и сертифицирани да извршуваат задачи при планирање на операции во НАТО здружени операции, која е во функција на унапредување на целиот систем на достигнување на потребните НАТО стандарди и поефикасно исполнување на обврските во однос на интегративните процеси на Армијата во НАТО Алијансата.