Во период од 11 до 15 септември, делегација на Армијата на Република Северна Македонија предводена од заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин на покана на бригаден генерал Мајк Корнвел, директор на Директоратот за иден развој на британските сили и високиот советник во одбраната Гери Вотерфал, воздухопловен вице маршал во пензија, учествуваше на Меѓународната конференција за концепти 2023 во Лондон, Обединетото Кралство која се одржа на 11 септември и на Интернационалниот саем на вооружување и опрема за одбрана и безбедност, кој исто така се реализираше во Лондон во период од 12 до 15 септември.
Целта на конференцијата беше да се споделат идеите за новиот оперативен концепт на копнените сили на британската армија и активно да се промовира дискусија меѓу сојузниците и партнерите за идната оперативна средина и нејзиното влијание врз копнените сили.
На Меѓународната конференција за концепти 2023 (ICC23), покрај презентацијата за концептот на британската армија, беа реализирани излагања и на дел од учесниците на конференцијата. На маргините на конференцијата се реализираше панелна дискусија чиј домаќин беше Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), со учесници од водечките академски институции. Панелот ги опфати потенцијалните предизвици и технологии кои ќе влијаат на карактерот на војувањето, како истите би влијаеле на оперативното опкружување за копнените сили и кои способности би требало да ги поседуваат.
Делегацијата од Армијата на Интернационалниот саем на вооружување и опрема за одбрана и безбедност (DSEI) 2023, како најголема светска целосно интегрирана хибридна изложба на вооружување и опрема за одбрана и безбедност, имаше можност да ја види најновата опрема, системите и иновативната технологија која се однесува на копнените, поморските, воздушните, сајбер и вселенските оперативни средини. Изложбениот центар беше организиран со изложбени штандови на многу водечки меѓународни одбранбени излагачи придружувани од преку 500 мали и средни претпријатија, кои играат витална улога во иновациите и обезбедувањето разновидност во синџирот на снабдување на одбраната. Под мотото на овогодишниот саем DSEI 2023 „Постигнување на интегрирана сила“, изложбата беше надополнета со програма на семинари и говорници од Министерството за одбрана на Обединетото Кралство и меѓународните воени партнери базирани на стратешката визија на ОК и другите нации за способностите кои треба да ги поседуваат идните структури на копнени сили, нудејќи при тоа идеи и предизвици фокусирани во областа на овој домен.
На саемот, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата и членовите на делегацијата посетија повеќе компании, со фокус на оние чие производствено портфолио опфаќа вооружување и опрема од областа на извидувачко- разузнавачките способности, потребни за изградба на способностите за ЛПБГ.
Во рамки на посетата на саемот заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин во придружба на полковник Ненад Миклош, оствари средба со заменик-шефот на Одбранбениот штаб на британската армија, генерал Гвин Џенкис, на која беше разговарано за досегашната билатерална соработка, како и за актуелните теми од областа на изградбата на способности потребни за ЛПБГ. На крај на средбата британскиот генерал изрази подготвеност за споделување на искуства во областа на борбата против дронови, врз основа на научените лекции и како произлезена потреба од актуелната војна во Украина.