Делегација од Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, предводена од Заменикот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин престојува во работна посета во Командата за операции на НАТО (SHAPE).
Оваа посета, која се реализира во период од 17 до 20 февруари, е во контекст на подготовка на клучниот персонал од Армијата и Министерството за одбрана за синхронизација и хармонизација на националото одбранбено планирање со Процесот на одбранбено планирање на НАТО (NDPP).
Активноста е реализирана во организација на штабниот елемент на Сојузничката Команда за трансформација за Европа, со презентации и дискусии во доменот на одбранбено планирање на НАТО (NDPP), како и координација за пристапот и настапот на претставниците од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на следните координативни состаноци.
Во рамки на посетата , генералот Нуредин оствари средба со Заменикот началник на штаб на SHAPE за Партнерскиот директорат, адмирал Туран Булент, при што беа разменети информации и искуства во доменот за пристапните и интегративните процеси на Република Северна Македонија во НАТО, како и информации за најновите активности и процеси. Генералот Нуредин посочи дека се земаат во предвид искуствата од земјите кои неодамна се приклучија на Алијансата, напоменувајќи дека чекорите околу интегрирањето на Република Северна Македонија во НАТО нема да завршат со приемот во Алијансата, туку интензивно и во континуитет ќе продолжат.