Континуираната обука на персоналот од состав на Армијата кој е вклучен во циклусот на обука за спроведување на процесот на стандардизација во НАТО, согласно билатералната соработка со Вооружените сили на Република Грција, продолжи со изведба на третиот модул планиран за тековната година.
Обуката од третиот модул од циклусот се изведуваше во период од 12. до 14.11. 2022 година во Домот на Армијата во Скопје, при што делегираниот персонал од генералштабот и командите и единиците на Армијата ги унапредуваа стекнатите знаења за извршување на стандардизациските активности во рамки на стандардизацијата на одбраната.
Во склоп на активноста, се реализираа и експертски разговори од одбранбеното планирање со претставници од директоратот 2 на генералштабот за национална одбрана на Република Грција при што се разговараше за резултатите од досегашната соработка, беа разменети искуства и најдобри практики од доменот на одбранбеното планирање и согледаа потребите и можностите за проширување на соработката.
Експертските разговори од страна на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија ги предводеше началникот на секцијата за планирање, бригаден генерал Симеон Трајковски, додека делегацијата на генералштабот за национална одбрана на Република Грција, беше предводена од бригаден генерал, Јоанис Келиафанос.
Овој циклус на обука кој се реализира во континуитет од 2019 година со поддршка од мобилен тренинг тим од генералштабот за национална одбрана на Република Грција овозможува и учество на персонал од НАТО земјите од регионот при што на курсот учествува и претставник од Армијата од Република Албанија.
По завршување на курсот слушателите се здобија со сертификати за учество, кои беа врачени од страна на бригаден генерал Симеон Трајковски и военото аташе на Република Грција.
Во текот на првиот квартал на 2023 година, во Солун, Република Грција ќе се реализираат последователни експертски разговори на оваа тема.