Во рамките на програмата за одбележување на 5-годишнината од членството на нашата држава во НАТО, денес во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беа прогласени најуспешните екипи на спортските натпревари во футсал и кошарка, настан кој беше во организација на Армијата на Република Северна Македонија и се одржа во текот на изминатите два дена.
На натпреварите во футсал, првото место го освои екипата на Армијата, второто место ѝ припадна на екипата на Министерството за внатрешни работи, додека третото место го зазеде екипата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. За најдобар голгетер беше прогласен Новица Костадиновски, а најдобар голман Филип Лазаревски.
Во кошарка, најдобра беше екипата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, второпласирани беа припадниците на Армијата, а третото место го освои екипата на Министерството за внатрешни работи. За најдобар играч беше прогласен Карло Блажевски од екипата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Во своето обраќање пред присутните, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ја истакна фер играта за време на натпреварите и наведе дека ваквите натпревари претставуваат одлична можност за зајакнување на пријателствата и меѓусебната соработка меѓу различни институции.
На затворањето на спортските натпревари присуствуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој ги додели наградите за освоените први места во футсал и кошарка.
На спортските натпревари по повод одбележувањето на пет години членство на нашата држава во НАТО, кои се реализираа под мотото „Спортот обединува, пријателство преку спортот, спорт за сите“, оваа година покрај екипи на Армијата и Министерството за одбрана, учество зедоа и екипи на Министерството за внатрешни работи, Министерството за спорт, Бригадата за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.