Како дел од годишниот план за обука и унапредување на спортот во Армијата, во организација на Генералштабот, традиционално и оваа година по дванаесетти пат се одржа армиско првенство во крос-кантри трчање.
На кросот на кој покрај припадници од Армијата учествуваа и претставници од „Македонската атлетска федерација“ се реализира на патеката на стрелиштето „Петровец“, во должина од 8 километри во машка и 4 километри во женска конкуренција.
На овогодинешното армиско крос –кантри натпреварување учествуваа машки и женски екипи, од речиси секоја команда и единица во состав на Армијата, со што се потврдува и високото ниво на физичка подготвеност на припадниците на Армијата, од кои голем број се и учесници на голем број на меѓународни натпреварувања.
Екипно првото место во машка конкуренција припадна на баталјонот за специјални намени, а во женска конкуренција на ренџерскиот баталјон.
Најдобро пласиран во машка конкуренција е професионалниот војник Милош Ранчиќ, од бригадата за логистичка поддршка, второто место му припадна на професионалниот војник Трајче Илиевски, од Kомандата за обука и доктрини, а третото место го освои капетан Жан Тосев, од баталјонот за почести.
Во поединечна женска конкуренција во крос-кантри трчање првото место го освои питомец Сара Тасевски од Командата за обука и доктрини, второ место професионален војник Силвана Вељуслиев од баталјонот на Воена полиција и трето место постар водник прва класа Ирена Лекоска од баталјонот за специјални намени.
Припадниците од составот на командите и единиците на Армијата со своето учество го потврдуваат фактот дека спортот и физичката подготвеност се еден од неопходните фактори за извршување на сите задачи на војничката професија но за промовирање на здрав живот.
По завршување на натпреварите, на најуспешните поединци и екипи им беа врачени медали и пехари.