Согласно Уредбата со законска сила донесена од Владата на Република Северна Македонија од 21.03.2020 година и утврдените задачи на Армијата за време траење на вонредната состојба на територијата на Републиката, на Армијата се доделија следните задачи во поддршка на полицијата:
- обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;
- контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и
- физичко обезбедување на витални објекти од значење за државата кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.
Воедно Армијата согласно побарувањата и потребите ќе формира и ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија, со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување на помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.
По направените оперативни планови во заедничкиот оперативен штаб на МВР и ГШ за потребните капацитети и конкретни задачи за ангажирање на Армијата, од страна на генералштабот се одредија соодветни сили и средства од составот на Армијата кои се ангажираат заедно со полициските сили како комбинирани тимови согласно потребите. По направените подготовки и обука за извршување на конкретните задачи со оглед на специфичноста и запознавање со конкретните задолженија за извршување на задачите од 23.03.2020 година припадниците на Армијата започнаа со извршување на поддршка на полицијата за физичко обезбедување на објекти од витално значење кои се обезбедувани од страна на МВР и преземање на контрола на државните граници. За обезбедување на објекти од витално значење како Владата, Собранието , затворските установи во Скопје ќе бидат ангажирани сили од составот на армијата од воената полиција и специјалните сили кои ќе ги извршуваат сите задачи со примена на сите конкретни овластувања за оваа задача кои ги имаат и единиците на МВР.
Припадниците на Армијата работните задачи ги извршуваат во униформа на армијата и со личното формациско вооружување со дадени дополнителни овластувања кои ги имаат припадниците на полицијата.
Покрај овие задачи припадниците на Армијата од инженерискиот баталјон во комплексот на клиники „Мајка Тереза“ со инженериските средства работат на распланирање и тампонирање на материјал за изработка на платформа за потребите на Министерството за здравство. Во кризниот регион на Дебар и Центар Жупа успешно продолжуваат со извршување на доделените задачи за контрола на државната граница и контролни точки за регулирање на движењето со цел спречување на ширење на корона вирусот.