Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска (8 август) положи венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранители кои ги загубија своите животи кај месноста Карпалак во 2001 година.
Во чест на загинатите бранители, свежо цвеќе положија и делегации од Кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, Владата, претставници од семејствата на загинатите припадници, како и здруженија на граѓани.
Дваесет и петгодишнината од загинувањето на десетте припадници се одбележа и во Прилеп, каде што делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана положи свежо цвеќе пред комплексот „Карпалак“. Почит на загинатите бранители претходно беше оддадена и пред спомен-обележјето и спомен собата во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп од страна на делегации на Армијата, семејствата на загинатите, локалната самоуправа и граѓани.
Во нападот врз армискиот конвој на автопатот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак на 8 август 2001 година, трагично ги загубија своите животи припадниците од резервниот состав на Армијата од гарнизонот Прилеп: Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски.








