Со изведувањето на композицијата „Il Silenzio – Тишина“ од припадници на Воениот оркестар на АРМ и пологање на венец од страна на делегација на АРМ, во очи на денот на почетокот на Првата светска војна, на платото пред споменикот на паднатите херои за Македонија, Армијата на Република Македонија се вклучи во меѓународните активности за комеморација на сите жртви во една од најголемите војни на XX век.
На настанот кој се организираше во координација и соработка со Амбасадата на Република Италија во Република Македонија, директорот на Воениот музеј во Министерството за одбрана, д-р Александар Стојчев, посочи дека ова тажно минато од светската историја не можеме да го смениме, но дека истото не упатува на унапредување на односите и соживотот, на пронаоѓање точки што не спојуваат преку почитување на вредностите на мирот. За да не отстапиме од таквите идеи, посочи Стојчев, нам, потомците на страдалниците од Првата светска војна од сите подрачја во светот зафатени од оваа страшна Голема војна, не опоменуваат повеќе од 10 милиони загинати мажи и жени, повеќе од 21 милион ранети, голем број исчезнати, и нивните засекогаш разурнати домови.
Проектот на комеморација на жртвите од оваа војна, кој се организира од Советот на министри на Република Италија по повод 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, претставува еден хуман чин на оддавање почит на сите жртви и загинати во периодот на оваа голема војна. Присутните на комеморацијата положија венец со свежо цвеќе на споменикот, додека композицијата „Тишина“ беше изведена на зајдисонце, во исто време на голем број локации во светот.