Во Домот на АРМ во Скопје денеска свечено беше одбележано завршувањето на 12 – годишната мировна мисија ИСАФ која се реализираше во Исламската Република Авганистан.
По тој повод министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски истакна дека почнувајќи од 2002 година во рамките на турскиот контингент, во коалиција од 50 – тина земји НАТО сојузници и партнери, АРМ со околу 3 илјади македонски мировници во мисијата ИСАФ, значително придонесе за зачувувањето на мирот и изградбата на поразвиена демократија и поголема безбедност во Авганистан. Од друга страна, наведе министерот, македонските мировници и Армијата како целина добија легитимитет и потврда на сигурен, доверлив и обучен партнер кај НАТО и останатите партнери.
Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески им се заблагодари на припадниците кои учествуваа во мисијата ИСАФ, за нивната несебична пожртвуваност, професионалност и солидарност.
Тој истакна дека мисијата ИСАФ е пресвртница за меѓународната сцена и како таква е пример за успешно остварување на заедничката цел реализирана од повеќе нации.
Генералот Котески наведе дека АРМ како дел од коалиционите сили успешно ги организира и реализира сите предизвици кои ги наметна ситуацијата. АРМ покажа дека е рамноправен партнер со останатите армии, без разлика дали тие биле дел од НАТО или не. Началникот на ГШ на АРМ, додаде и дека особена чест како началник на ГШ на АРМ му претставуваа искрените пофалби на воените и политичките авторитети на ИСАФ во кои тие велеа дека се чувствуваат сигурни во оваа команда, а македонските војници се професионални, одговорни и храбри.
Пригоден говор на свеченост зедоа и амбасадорот на Република Турција, Омур Шолендил и амбасадорот на САД, Пол Волерс.
Покрај нив, на свеченоста по повод завршување на мисијата ИСАФ во Авганистан присуствуваа и амбасадорите на Обединетото Кралство, Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка, Чешката Република, Република Франција, Република Грција и Република Италија, акредитирани во Република Македонија.
Министерот за одбрана, Јолевски, свеченоста ја искористи и да им врачи благодарници на амбасадорите на земјите поддржувачи на учеството на припадниците на АРМ во мисија во ИСАФ во Авганистан.