Покрај досегашното континуирано ангажирање на два хеликоптери МИ 8/17 од воздухопловната бригада на АРМ, во текот на вчерашниот ден во справување со заканите од пожарот во близина на село Требовље се вклучија и шеесетина припадници на АРМ.
Почнувајќи од попладневните часови во текот на вчерашниот ден без прекин цела ноќ двата пешадиска вода од четвртиот баталјон од 1. пешадиска бригада на АРМ од Кичево, се справуваат со гасење на пожарот и изработка на заштитен појас со што спречуваат огнената стихија да го зафати селото Требовље.
Припадниците на АРМ вложувајќи максимални напори во текот на ноќта успеваат да се изборат со потенцијалната опасност огнените јазици да ги зафатат и куќите од селото. Армијата на Република Македонија продолжува и со ангажманот во гасењето на пожарот со хеликоптерите кои непрекинато секој ден почнувајќи од 27.07 досега имаат исфрлено од воздух повеќе од 780 тони вода.
Ангажирањето на припадниците на АРМ во реонот на општина Македонски Брод ќе продолжи се додека се оцени дека тоа е потребно.