Армијата на Република Северна Македонија, на пригоден начин и со почитување на мерките од протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници во услови на „Ковид 19“ по 29ти пат го одбележа 18ти август-Денот на Армијата кое по вторпат го одбележуваме како членка на НАТО.
На свеченоста која се одржа на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, со пригоден говор се обратија, Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Во својот говор, Началникот на Генералштабот, најпрвин истакна дека доверената задача да продолжи да командува со Армијата и во следниот тригодишен период ќе ја извршува одговорно и со голем ентузијазам и проактивност во остварувањето на мисиите и задачите на Армијата, но и во остварување на државните стратегиски цели, во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија.
„Армијата е субјект во општеството со висока доверба, затоа раководството на Армијата има одговорност и обврска, со соодветна професионалност, искуство, стручност и компетентност да обезбеди највисок степен на подготвеност за справување со сите предизвици со цел населението да биде спокојно и да се гордее со нас и нашата Армија.
Впрочем, во ова време на светска пандемија, пожари во земјата и предизвици со мигрантска криза, покажуваме на дело, како ние припадниците на Армијата пожртвувано ја возвраќаме дадената доверба. Ве уверувам дека така и ќе продолжиме во иднина! Истакна генералот Ѓурчиновски.
Обраќајќи се до припадниците на Армијата тој порача: „Од нас се очекува истрајна и посветена работа согласно највисоките стандарди. Патот во спроведување на сите реформи во Армијата не е лесен и веднаш воочлив, но нашата решителност и посветеност во работата и искуствата стекнати од минатото, не прават уште помотивирани и поистрајни во спроведувањето на визијата и достигнување на посакуваните резултати, од кој верувам дека ќе бидеме задоволни и горди и ние и идните генерации.“
Министерка за одбрана Радмила Шекеринска обраќајќи се на присутните по повод Денот на Армијата истакна: „Овој 18 Август сакам да го посветам на секој припадник на Армијата кој ја оправда службата, го покажа херојството и ја задолжи татковината. Денешното одбележување е посебно и ни дава обврска да се осврнеме на моментите кои уште еднаш ја потврдија силата на Армијата. Кои уште еднаш потврдија дека на мака се познаваат јунаците. Сакам да оддадам неизмерна почит кон сите војници, подофицери и офицери кои повторно станаа наши јунаци кога се соочивме со огнената стихија низ цела држава“.
„Пожарите ни ја потврдија и силата на сојузништвото и пријателството. Ниту една држава во нашиот регион, па и пошироко, не можеше да се справи со природните катастрофи сама. Благодарни сме на Словенија, Србија, Австрија, Романија, Црна Гора, Франција како и на ЕУ и НАТО механизмите за цивилна поддршка за големата помош. Ова лето ни потврди на сите дека климатските промени ќе бидат еден од клучните фактори кои ќе влијаат на нашата безбедност и дека тие диктираат нови потреби и во одбранбеното планирање, но и во регионалната соработка“, истакна министерката подвлекувајќи дека сојузите, како што рече, значат и одговорност која не ја намалуваат ниту географските дистанци.
Потенцирајќи дека веќе навлегуваме во втората година членство во НАТО Шекеринска посочи дека Северна Македонија по полноправното членство во Алијансата започна комплексен и важен процес на интегрирање. „Воената интеграција во НАТО е на брза трака и во целост ќе биде завршена оваа година. Паралелно, работиме и дома. Армискиот полигон „Криволак“ со поддршка од нашите сојузници, станува воен полигон од највисок ранг, а вежбата „Одлучен удар 21“ го покажа најдоброто во вас. Со успешната реализација ја поместивте татковината уште едно скалило погоре во безбедносната слика“, рече таа.
Министерката Шекеринска дополни и дека граѓаните постојано ја оценуваат Армијата како институција во која имаат најголема доверба. „Државата во клучни моменти и ја даваше довербата на Армијата. Армијата после подолго време почна да верува дека нема да биде заборавена, дека е ценета и дека довербата раѓа доверба“, рече министерката во своето обраќање на Денот на Армијата.
Претседателот и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски во неговото обраќање кон припадниците на Армијата истакна дека како заштитници на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија се живата врска меѓу двата големи јубилеи и два големи историски потфати за нашите граѓани и држава а тоа се одбележување на 80 години од почетокот на народно ослободителната и антифашистичка борба и 30 години од македонската независност.
„Денот на Армијата го прославуваме, не само во година на споменатите два јубилеи, туку и во време кога се соочуваме со два сериозни предизвика – пандемијата на КОВИД-19 и катастрофалните пожари. Како Врховен командант на Армијата сакам да им се заблагодарам на сите храбри мажи и жени во униформа кои се активно вклучени во справувањето со овие големи опасности. Бидете уверени дека македонските граѓани ја препознаваат и ценат вашата професионалност и пожртвуваност и знаат дека можат да сметаат на вас и во мирни и во тешки времиња. Затоа, во името на сите граѓани, уште еднаш, ви благодарам за се што правите на тој план“.
„Денес се гордееме со вашиот професионализам и со напорите кои ги вложувате за идниот, уште поуспешен развој на Армијата. Познавајќи ја вашата посветеност и уверен во вашата волја, знам дека имаме Армија целосно подготвена да го штити нашиот територијален интегритет и суверенитет и да биде членка на НАТО алијансата од која нема да се срамиме“. истакна Претседателот.
Во рамки на свеченоста за особени заслуги и за исклучителен придонес во поддршката на јакнењето на капацитетите и на подобрувањето на борбената готовност на Армијата се врачија одликувања и признанија.
Притоа, од страна на Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги се одликува Армијата на Република Северна Македонија за нејзините припадници кои учествуваа во меѓународните безбедносни сили за помош (ISAF) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан, а беа врачени и Повелби на Република Северна Македонија на Центарот за странски јазици, артилерискиот баталјон и на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка.
Исто така, Министерката Шекеринска и Началникот Ѓурчиновски доделија признанија на претставници на претставници од институции со кои соработуваме и кои придонесуваат за развојот на одбраната.
Од страна на командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој се наоѓа во неколкудневна работна посета на Република Северна Македонија, на министерката Шекеринска и додели медал на сојузната држава на САД, Вермонт за истакната служба, а на генералот Ѓурчиновски медал на НГ на Вермонт за заслуги.
По повод одбележувањето на Денот на Армијата, со воени почести и полагање венци свежо цвеќе на Алејата на Великаните на градските гробишта во Бутел во Скопје и на спомен обележјето на загинатите бранители во кругот на Министерството за одбрана и Генералштабот се одаде почит на поранешните Претседателите и Врховни команданти на Армијата, Борис Трајковски, Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски, како и на загинатите бранители.
На свеченоста присуствуваа и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, командантот на Националната гарда на Вермонт, пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, министри во Владата, претставници од воено дипломатскиот кор, градоначалникот на град Скопје, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, армиските генерали, претставници од организации, државни институции локални самоуправи и здруженија со кои соработува Армијата.
Денот на Армијата се одбележа на прикладен начин и во сите касарни во Републиката во кои се стационирани командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија.