По повод 31от роденден на Армијата на Република Северна Македонија, на пригоден начин на воениот стадион во градскиот парк во Скопје се одбележа 18ти август – Денот на Армијата.
На свеченоста, со пригоден говор се обратија, Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Во рамки на свеченоста со воена церемонија, од страна на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски се доделија медали.
Со медал за учество во хуманитарни и мировни операции се одликуваа првите припадници од Армијата кои учествуваа во вакви операции надвор од државата, додека со медал за храброст се одликуваа армиските припадници кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција.
Исто така, од страна на министерката Петровска се доделија и чинови на унапредени старешини во чин полковник.
Претходно, на градските гробишта во Бутел по повод Денот на Армијата со воени почести се положија венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски, а делегација од Армијата положи венец со свежо цвеќе на спомен одбележјето на Славеј Планина, каде во 1943 година е формиран првиот поголем армиски состав во НОВ, баталјонот Мирче Ацев.
Одбележувањето на Денот на Армијата покрај централната свеченост во Скопје се одбележа и во гарнизоните каде се сместени потчинетите команди и единици на Генералштабот.