Делегации на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводени од заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, денеска 27 август 2026 година учествуваа на свеченоста на кревање на знамињата на земјите членки на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), со која официјално се означи активирањето на штабот на оваа бригада во Истанбул, Република Турција.
На церемонијата се изврши и примопредавање на должноста командант на SEEBRIG, со што должноста ја презеде бригаден генерал Иван Маламов од Република Бугарија од досегашниот командант, бригаден генерал Билбил Битри од Република Албанија.
Со овие два настани се одбележа почетокот на вториот шестгодишен престој на Командата на SEEBRIG во Република Турција.
Претходно, домаќин на Командата на SEEBRIG беше Република Северна Македонија. Во шестгодишниот престој на Командата на SEEBRIG во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Армијата обезбеди целосна институционална и логистичка поддршка за нејзиното функционирање и активно учествуваше со штабен персонал и декларирани единици.








