Делегацијата на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од Началникот на Генералштабот генерал потполковник Методија Величковски, во рамки на посетата на Армијата на Обединетото Кралство, во изминатите денови ги посети престижните воено образовни институции на Вооружените сили на Обединетото Кралство: Кралската Воена Академија, Сандхурст (РМАС) и Одбранбената Академија во Шривенам (ДА).
Придонесот кој го овозможуваат овие воени образовни институции во воената обука и едукацијата на припадници од АРМ беа главните теми на разговор за време на средбите со командантот на РМАС, генерал мајор Пол Нансон и со командантот на Командно Штабниот Колеџ при ДА, генерал мајор Џулиан Фреј.
Притоа од страна на генералот Величковски во духот на продлабочување на соработката е доставен предлог за размена на искуствата од областа на воената доктрина и планирање преку учество на кадри и слушатели од овие високошколски установи во активностите организирани од Воената Академија Генерал Михајло Апостолски, како што е летниот кампус, но и разгледување на можноста за размена на професори.
Во текот на вчерашниот ден во Камберли, делегацијата присуствуваше на „Парада на сувереноста“- единствена свечена церемонија од овој вид која се одржува по повод завршеток на школувањето на кадетите од Кралската Воена Академија и нивна промоција во офицерски чинови, меѓу кои е и еден припадник од АРМ кој го заврши школувањето.
Во досегашниот период десетина припадници на АРМ континуирано се упатуваат и со успех ги имаат завршено школувањата и последипломски студии во различни воени области на високите школи во Обединетото Кралство, како Кралскиот колеџ во Лондон, Командно-штабниот Колеџ во Шривенхам, Универзитетот Кранфилд во Шривенхам, Кралската воена Академија – Сандхурст и Академијата на Кралското воено воздухопловство во Кранвел.
Неколкудневната официјална посета на делегацијата од АРМ е особено значајна за меѓусебната соработка помеѓу АРМ и Армијата на Обединетото Кралство, не само заради првпат остварената средба на ниво на Началници на Генералштабови на двете Армии, туку и за зајакнување на поддршката од оваа партнерска Армија за интеграција на Република Македонија во северно атлантското семејство.