Делегација на меѓународните мировни сили во Косово-КФОР, предводена од командантот на мисијата, генерал-мајор Салваторе Куочи, денес престојуваше во официјална посета на MO и ГШ на АРМ.
Генералот Куочи за време на престојот во ГШ на АРМ, оствари одвоени средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски.
Подоцна на првиот официјален состанокот оваа година помеѓу делегацијата на КФОР и дел од персоналот во ГШ на АРМ се разговараше за безбедносната состојба во регионот, актуелната ситуација со мигранската криза и потенцијалните алтернативни рути на движење, соработката со силите на КФОР во однос на актуелните безбедносни ризици и терористички закани.
Делегацијата имаше можност да се запознае со активностите на АРМ поврзани со актуелната состојба на јужната граница поврзана со мигрантската криза, како и можноста за користење на АП „Криволак“ за обука и вежби на персоналот на мисијата. Од страна на командантот на КФОР пред ГШ на АРМ се презентира безбедносната состојба во својата зона на одговорност во Косово, состојбата со мигрантските рути низ Косово, како и за останатите активности на КФОР.
Генералите Величковски и Куочи за време на состанокот истакнаа дека воспоставената одлична соработка на АРМ и силите на КФОР и присуството на мисијата се од големо значење за безбедноста и стабилноста во целиот регион.
Делегацијата во текот на еднодневната посета на Република Македонија ќе оствари посета и на Министерството за внатрешни работи.
Соработката со силите на КФОР е изразена преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин воспоставен во јуни 2007 година, кој има задача за координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување и медицинска евакуација. Преку овој центар АРМ посредно учествува во мисијата КФОР, а во понатамошниот период АРМ ќе учествува во штабот на мисијата со свој припадник со што повеќе ќе се зајакне таа соработка.