Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Австрија предводена од Началникот на Генералштабот (ГШ) генерал Отмар Коменда заедно со својот домаќин, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски по остварената средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во текот на денешниот ден ја посети јужната граница на Република Македонија.
Припадниците на Армијата на Република Македонија ангажирани на јужната граница пред делегацијата ја презентираа безбедносната ситуација на јужната граница поврзана со бегалската криза, како и начинот и постапките кои се применуваат од страна на АРМ.
На одржаната презентација во реонот на караулата „Богородица“ присуствуваа и последната ротација на полициските сили на Република Австрија кои извршуваат задачи на македонско грчката граница заедно со граничната полиција на Република Македонија.
Од страна на припадниците на АРМ беа презентирани податоци за досегашните активности кои АРМ ефективно ги спроведува согласно доделените задачи за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница во спречување на нелегално минување на државната граница.
Високата австриска армиска делегација со особен интерес го проследи презентираните тактики и процедури на АРМ, како и разработените превентивни оперативни планови за разни ситуации кои досега се покажаа како мошне ефективни.
Впрочем за изминатите речиси две години од ангажирањето на припадниците на АРМ во спречување на нелегални преминувања на државната граница спречени се неколку десетици илјади такви обиди, со влијаеше на намалување на притисокот на јужната граница од мигрантскиот бран.
Генералите Величковски и Коменда ја искажаа потребата од размена и споделување на искуствата како што е справувањето со предизвиците од мигранската криза, како облик за продлабочување на понатамошната соработката, меѓу двете армии.
Дел од делегацијата на австриските ВС предводена од командантот на специјалните сили го обиколи Армискиот Полигон „Криволак“ разгледувајќи ги можностите кои ги нуди полигонот за изведување на ваков облик на обука.
Во текот на утрешниот ден во ГШ на АРМ ќе реализираат официјални разговори помеѓу делегацијата на ВС на Австрија со претставници на ГШ на АРМ на кои ќе се разгледаат меѓусебните облици на соработка.