Припадниците на армиите кои учествуваат во мултинационалната вежба „Wise wolf 2024“, денеска, пред министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, високи воени претставници од земјите учеснички, генерали од Армијата и претставници од Министерството за одбрана, реализираа методско-нагледна вежба ,,Спасување и извлекување на заложници од конфликтна средина“.
За време на двонеделата вежба на АП „Криволак“ над 120 специјалци реализираа здружена показна вежба на која ги прикажаа своите вештини и способности. На вежбата беа користени осум хеликоптери од типот CH47 „Chinook“, UH60 „Black Hawk“, „Puma“ и Mi-17, а мешани тимови од сите земји учеснички извршија повеќе задачи како спуштање од хеликоптер со јаже, гаѓање со снајперски пушки со долг дострел, обезбедување од копно и од воздух, борба во затворен простор, медицинска евакуација и други.
Припадниците на Баталјонот на специјални сили заедно со припадниците на специјалните единици од армиите во регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија и Турција) во период од 4 до 14 ноември на АП „Криволак“ реализираа здружена вежба, која има за цел да ја подобри способноста и интероперабилноста на специјалните единиците во делот на планирањето, организирањето и изведувањето на специјални операции во мултинационално опкружување, како и зголемување на соработката меѓу земјите учеснички.
Вежбата која се одржува на годишно ниво во една од земјите учеснички, ја јакне регионалната соработка во овој домен и ја унапредува интероперабилноста која е основа за зацврстување на колективната безбедност. Вежбата се реализира од 2011 година на иницијатива на началниците на Генералштабовите од балканските земји.