Во рамките на вежбата „SEVEN STARS 25“, која се реализира во период од 2 до 11 април 2025 година, денес (10 април), во Центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес и на армискиот полигон „Криволак“ беше реализиран Денот на високи гости.
На настанот, покрај министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и претседавачот на политичко-воениот управен комитет (ПВУК) Симона Кожокару и останати високи гости од земјите учеснички на вежбата „SEVEN STARS 25“.
Во рамките на активностите на Денот на високи гости во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, гостите се запознаа со организацискиот процес на вежбата. Дополнително се изврши обиколка на Центарот за симулации, каде се изведува вежбата и се реализираше средба со делегациите на земјите учеснички.
Министерот им честиташе на учесниците на вежбата и на Командата на SEEBRIG, предводена од командантот бригаден генерал Билбил Битри, за покажаниот врвен професионализам и високите стандарди во организација на една ваква комплексна вежба, која вклучува компјутерски симулиран елемент и теренска вежба на армискиот полигон „Криволак“.
Во оваа прилика НГШ на Армијата му оддаде признание на командантот на SEEBRIG за успешната реализација на вежбата, нагласувајќи дека целта на вежбата, односно оперативната способност на SEEBRIG и подобрување на воената интероперабилност помеѓу командата и придружните единици за време на операции за поддршка на мирот, се потврди во целост.
Во своето обраќање пред присутните командантот на Бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG) бригаден генерал Билбил Битри истакна дека вежбата „SEVEN STARS 25“ е вежба која ги спојува силата, капацитетите, искуството и технологијата на земјите учеснички во планирачкиот процес, а денешната вежба е резултат на долг и детален планирачки процес.
Денот на високи гости заврши на АП „Криволак“, каде беше изведена теренска вежба со придодадената единица на SEEBRIG од составот на македонската Армија.
Вежбата „Seven Stars 25“, која е во организација на SEEBRIG, а е со целосна поддршка од Армијата на Република Северна Македонија, претставува компјутерски асистирана вежба комбинирана со теренска вежба. На оваа вежба учествуваа околу 190 лица од Армијата во улога на оператори на системот за симулации, штабот на SEEBRIG, вклучувајќи ги и ќелиите за одговори и околу 70 лица од 6-те земји членки на SEEBRIG и учесници од NRDC-T, NRDC-GR, MND SE, LITPOLUKR BRIG,CMDR CO.