Во касарната „Илинден“ во Скопје, денес (09.12.2014 година) беше донирана опрема од САД за потребите на баталјонот на Воена полиција на АРМ, во вредност од 850 илјади американски долари.
На свеченоста за доделување на донацијата од САД присуствуваа: министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Горанчо Котески, заменикот на амбасадорот на САД во Република Македонија Барт Путни, заменикот на министерот за одбрана Арбен Лабеништа, заменикот на НГШ на АРМ генерал потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, генерали во АРМ, претставници од амбасадата на САД во Република Македонија и други високи гости.
Министерот Јолевски во обраќањето пред присутните истакна дека донацијата е дел од широката и сеопфатна соработка во духот на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД, која со САД вклучува широк спектар на активности од стратешки анализи и проценки, експертска помош, преку школување, обука, помош во воена опрема до заедничко учество во мировни операции.
Заменик-амбасадорот на САД Путни, нагласи дека донацијата е пример и потврда за одличната соработка и координација меѓу МО и АРМ со Амбасадата на САД во делот на одбраната, укажувајќи дека пет припадници на АРМ во улога на инструктори, веќе се во САД на обука за успешна примена на донираната опрема.
Во рамките на церемонијата за прием на донацијата, припадниците нa баталјонот на Воена полиција демонстрираа вежби со секвенции од воено стручната обука, како и демонстрација и примена на донираната опрема.