Од 16-ти до 20-ти септември 2013 година во Центарот за обука (ЦО) Пепелиште се одржа Финална координативна конференција за претстојната вежба „Македонски Блесок – 9“ која ќе се реализира на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ од 14-ти до 18-ти октомври 2013 година. Со оваа Конференција се заокружува завршната фаза на подготовките за изведување на претстојната вежба „Македонски Блесок 9“ на која ќе се изведе самооценување Ниво 2 на Средната Пешадиска Баталјонска Група (СПБГ) од составот на 1.механизирана пешадиска бригада и НАТО оценување, Ниво 1 на Лесната Маневарска Болница (ЛМБ) – ниво 2 (ROLE 2), од бригадата за Логистичка Поддршка (брЛП).
Главна цел на вежбата е демонстрација на достигнатиот степен на интероперабилност, оперативна способност и воедно проверка на борбената готовност на декларираните единици за нивна употреба во операции предводени од НАТО, како и обука и извежбување на штабот и потчинетите единици на СПБГ и медицинскиот персонал од ЛМБ за исполнување на мисии.
Реализираните активности и заклучоци кои произлегоа од завршетокот на работата на Финалната Конференција претставуваат добра основа оценувачите да извршат самооценување НИВО 2 на СПБГ и НАТО оценување Ниво 1 на ЛМБ – ниво 2 а со тоа и успешно реализирање на вежбата „Македонски Блесок 9“.
Паралелно со Конференцијата, на АП „Криволак“ од страна на единиците кои се од составот на СПБН се реализираа боеви гаѓања со механизирани одделенија, водови и чети и беа изведени гаѓања со минофрлач 82 мм, минофрлач 120 мм и хаубица 105 мм. Во тек се подготовките за Тактичка вежба со боево гаѓање „Засилен пешадиски баталјон во напад“ која ќе се реализира на ден 22 септември 2013 година (недела). Темелните подготовки и нивото на обученост кое неделава во подготвителната обука го покажаа единиците кои се дел од вежбата ,,Македонски Блесок – 9“, како и со изведување на тактичката вежба во недела, се гаранција дека и оваа вежба ќе биде беспрекорно организирана и дека може да очекуваме високи резултати.