Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес и утре во седиштето на НАТО во Брисел, учествува на 182то заседанието на Воениот Комитет (ВК) на НАТО, кое се одржува во формат на началници на Генералштабови.
Генералот Ѓурчиновски по вторпат учествува на сите сесии од заседанијата на ВК на НАТО, како началник на армија на поканета земја која наскоро ќе биде полноправна земја членка на Алијансата, кое беше истакнато и во воведниот говор од страна на Претседавачот на ВК, воздухопловен Маршал, Стјуарт Пич во кој искажа добредојде на началникот на ГШ и Република Северна Македонија.
Во своето обраќање кое го имаше пред учесниците на заседанието, генералот Ѓурчиновски покрај искажаната благодарност за целосната поддршка од страна на највисоко воено советодавно тело на НАТО ја истакна посветеноста на Армијата во извршување на сите активности во подготовките за полноправно членство во НАТО Алијансата.
На почетокот од заседанието од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е претставен политичкиот контекст на дејствување на Алијансата како основа за понатамошните дискусии. За време на останатите сесии на дводневното заседание на ВК началниците ќе дискутираат за тековните оперативни обврски на НАТО, и понатамошни активности. Исто така на посебни сесии, ќе се разговара за ангажирањето на НАТО во мисијата Одлучна Поддршка во Авганистан, мисијата на НАТО во Ирак и Мисијата КФОР.
За време на заседанието, генералот Ѓурчиновски оствари повеќе средби и размени мислења со началници од армиите членки на НАТО и партнерските нации, на кои се разговараше за повеќе теми од безбедносен аспект кои се од взаемен интерес и меѓусебна соработка, меѓу кои и прашања поврзани со актуелната ситуација на блискиот Исток.
На сесијата поврзана со учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, во која педесетина наши припадници извршуваат различни задачи во неколку команди се презентирани најновите стратегиски и оперативни информации поврзани со безбедносната ситуација во Авганистан.
Поддршката за полноправно членство како 30та земја членка на Алијансата, како и нашата целосна посветеност кон остварување на оваа стратегиска цел беа истакнати за време на првата посета на Република Северна Македонија на Претседавачот на Воениот Комитет на НАТО, воздухопловен Маршал, Стјуарт Пич, која се реализираше минатата недела.