Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, со денешната посета на највисоката воена образовна институција на италијанските Вооружени сили – Центарот за високи одбранбени студии, каде пред студентите одржа предавање, ја заокружи неколкудневната работна посета на Вооружените сили на Италија.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, генералот Ѓурчиновски оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне, на која се разговараше за тековната билатерална воена соработка, како и за облиците за проширување на истата.
Притоа, се истакна унапредувањето на понатамошната соработка, како заедничко учество во активностите на НАТО, во иницијативи со кои се подобрува безбедноста во регионот, изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на АП „Криволак“.
За време на средбата од страна на началниците на Генералштабовите беше истакнато значењето на воената соработка на двете земји за безбедноста во регионот и пошироко, како и во подобрување на заедничката интероперабилност во рамки на НАТО.
Генералот Ѓурчиновски за време на престојот во Италија, оствари средби и со заменикот на командантот на Командата на здружените оперативни сили, генерал-потполковник, Никола Ланца де Кристофорис, претседателот на Центарот за високи воени студии, вицеадмирал, Ѓакинто Отавиани и командантот на НАТО Корпусот за брзо распоредување – Италија, генерал-потполковник, Лоренцо Ди Адарио.
Воената соработка со Република Италија во полето на одбраната, која е започната уште од мај 1997 година, се одвива низ повеќе армиски активности и поддршка во военото образование и обука, експертски разговори и менторирања во специфични области, но и заедничко учество во операциите на НАТО и Обединетите нации.
Значењето на подобрувањето на меѓусебната воена соработка за надминување на актуелните најразновидни безбедносни предизвици особено во регионот, помеѓу другото беше посочено и пред слушателите на Центарот за високи воени студии во Рим за време на обраќањето на генералот Ѓурчиновски, кој пред 10 години дипломирал на оваа високо воена образовна институција.