На началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета на Соединетите Американски Држави, во текот на денешниот ден му се додели највисоко воено признание од страна на реномираната воена образовна институција во Форт Левенворт во Канзас.
На посебна церемонија, генералот Ѓурчиновски со ова високо одликување е воведен во Куќата на славните. Вакво признание годишно се доделува на две значајни личности со препознаени достигнувања и кои имаат значаен придонес за историјата, наследството и традициите во Армијата, а кои се школувале во оваа висока воена институција.
Со воведувањето во „Куќата на славните“, генералот Ѓурчиновски се најде во друштво на вечните меѓу кои: генералите Двајт Ајзенхауер, Џорџ Патон, Колин Пауел и други високи воени стратези од ВС на САД, како и од сојузничките Армии. Овој чин е од особено значење за Армијата на Република Северна Македонија, бидејќи е прво вакво признание кое го има добиено еден воен претставник од нашата земја, но и прв офицер од Југоисточна Европа, после 50 години.
Генералот Ѓурчиновски по искажаната благодарност за укажаното признание, истакна дека овој чин го потврдува значењето на стратегиското партнерство помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
Притоа тој истакна дека посетувањето на оваа институција има особено значење за многу сегашни, но и понатамошни воени лидери. Воедно навраќајќи се на неговото искуство стекнато за време на школувањето во Форт Левенворт кажа дека тоа му помогнало во градење на основата во неговата понатамошна воена кариера. „Се надевам дека многу идни генерации од целиот свет ќе имаат можност да го продолжат школувањето во оваа реномирана институција, кое ќе им помогне да прераснат во воени лидери. “, истакна генералот Ѓурчиновски.
Во „Куќата на славните“ на Форт Левенворт почнувајќи од нејзиното востановување во 1969 година, се наоѓаат почесни членови од САД, како и од други држави. Генералот Ѓурчиновски како дел од неговото воено образование ја посетуваше Командно-штабната академија во текот на 2001-2002 година.