Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес во просториите на делегацијата на Европската Унија во Скопје реализираше информативен брифинг на кој ги претстави активностите и состојбата во Армијата.
Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање пред делегацијата и во присуство на Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, господинот Дејвид Гир, истакна дека актуелните безбедносни и здравствени предизвици ни покажаа дека единствено заеднички и обединето во сите домени на соработка можеме да ја зачувуваме благосостојбата на нашите земји како и меѓународниот мир и поредок.
Притоа тој додаде дека со нашето усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, уште поактивно ќе продолжиме со нашиот придонес во заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и учество во мисии и операции со цел промовирањето на мирот и безбедноста.
Пред делегацијата на Европската Унија на која присуствуваа и воените аташеи од земјите членки на ЕУ, Велика Британија и САД, акредитирани во нашата држава од страна на претставници од Генералштабот беа презентирани активностите поврзани со учество на Армијата во операциите раководени од Европската Унија, капацитетите за изведување на обука и обученоста, како и тековните активности во областа на развој на капацитетите, опремувањето и модернизацијата и идните планови.
Армијата на Република Северна Македонија активно учествува во операциите на Европската Унија, ЕУФОР АЛТЕА од 2006 година и во мисијата за обука на Централноафриканската Република – „ЕУТМ ЦАР“ од 2020 година.