Од 10-ти до 12-ти јуни, заменик началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, учествува на осумнаесеттата Конференција на началниците на генералштабовите од армиите на земјите-членки на Јадранската повелба која се одржува во Република Црна Гора.
Домаќин на Конференцијата е началникот на Вооружените Сили на Црна Гора, Адмирал Драган Самарџиќ, а покрај учеството на началниците на ГШ на армиите од земјите-членки на Јадранската група (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора) на конференцијата присуствуваат и заменик началникот на Вооружените Сили на Словенија, командантот на КФОР, како и високи претставници на националните гарди, партнери на земјите членки на Јадранската повелба.
На отворањето на конференцијата се обрати началникот на Вооружените Сили на Црна Гора, Адмирал Драган Самарџиќ, а главна тема за учесниците е одржување на интероперабилноста преку регионално партнерство.
ЗНГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини во своето излагање ја истакна работата на АРМ во реформите и Евроатланските аспирации кои ги имаме, потенцирајќи дека Република Македонија заслужува и има право да биде полноправна членка на НАТО алијансата.
Домаќин на наредната, деветнаестта конференција на началниците на генералштабовите од армиите на земјите-членки на Јадранската повелба, ќе биде Република Македонија.