Командантот на 7. Армиска команда за обука на Вооружените сили на САД – (7th Army Training Command – 7th ATC), бригаден генерал Стивен Карпентер, кој престојува во Република Северна Македонија во пресрет на „Конференцијата на Европските центри за обука (СЕТС 25)“, денес оствари работна посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
Во рамки на посетата, генерал Карпентер реализираше средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. На средбата беше нагласено дека со континуираната соработка и заедничката обука на нашата Армија со Вооружените сили на САД и останатите мултинационални сили се гради доверба, се зајакнува интероперабилноста и се овозможуваат услови за создавање на цврсто сојузништво.
За време на посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана се одржа и брифинг за вежбите „Saber Junction 25“ и „Immediate Response 25“, како и за Лесната пешадиска баталјонска група.
7th ATC, чија команда е распоредена во Графенберг, Германија, е една од најголемите команди на воените сили на САД надвор од САД. Таа организира и спроведува теренски и симулирани вежбовни активности и е одговорна за обезбедување и надгледување на барањата за обука на војниците на USAREUR, како и на Вооружените сили на НАТО сојузниците и партнерските земји.