Од денес, во тридневна официјална посета на АРМ престојува висока воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј на кого домаќин му е началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
При денешната посета на Генералштабот на АРМ и Министерството за одбрана, генералот Креј оствари средба и со министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски. Двајцата соговорници ја истакнаа соработката меѓу НГ на Вермонт и АРМ, како плод на одличната соработката во одбраната меѓу Македонија и САД. Дополнително беше констатирано дека оваа соработка треба да продолжи да се развива во континуитет. Од страна на министерот Јолевски беше кажано дека од оваа година на Воената академија во трета и четврта година ќе започне да се предава на англиски јазик. На овој начин ќе им се овозможи на студенти од другите земји да студираат токму тука и истакна дека би сакал припадници од НГ на Вермонт да дојдат и да изучат неколку семестри.
Генералот Креј ја поддржа идејата и додаде дека ова ќе биде значаен бенефит за двете институции.
Во изјавата за медиумите генералот Величковски истакна дека годинава се навршуваат дваесет години од партнерството помеѓу АРМ и НГ на Вермонт, во кои можеме да се пофалиме со многу резултати од заедничката обука, како и различните форми на соработка, што беше крунисано со заедничкото учество во наменските сили ,,Феникс“ во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан во 2010 година. Заблагодарувајќи се за поддршката од НГ на Вермонт, НГШ на АРМ нагласи дека на средбата со генералот Креј разговарале за продлабочување на соработката со НГ на Вермнонт, која ја оцени како плодна и продуктивна, при што додаде дека ќе биде заокружена со претстојната посета на САД, заедно со министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Генералот Креј се заблагодари на гостопримството, истакна дека АРМ и НГ на Вермонт и во иднина ќе продолжат да работат рамо до рамо на различни нивоа, потсетувајчи при тоа на заедничкото распоредување на сили, развојот на офицерите и подофицерите, работа на задачи како подготовка за изведување на операции како подготовка за справување во катастрофи, нагласувајќи дека секоја година соработката помеѓу двете армии напредува. Командантот на НГ на Вермонт потенцираше дека трајното партнерство на НГ на Вермонт со АРМ е изградено врз столб на пријателство, а дека соработката резултира со успешно изведување на вежби и операции, при што посебно ги истакна меѓусебните професионални односи и лични пријателства во Македонија.