Денес, 12-ти септември 2015 година (сабота), во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беше отворен меморијалниот турнир во мал фудбал „Херои на Македонија“.
На отварањето на турнирот присуствуваа: министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, високи претставници од Министерството за внатрешни работи и други гости.
Турнирот го отвори министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој пред екипите на учесниците го истакна значењето на организацијата на турнирот, преку кој ја продолжуваме борбеноста и им се заблагодаруваме на оние кои го дале својот живот за нашата татковина Република Македонија, нагласувајќи дека во 2001 година и во Куманово загубивме херои кои ги положија своите животи за Македонија.
Натпреварите на турнирот во мал фудбал „Херои на Македонија“ започнаа со почетен удар на министерот за внатрешни работи Митко Чавков кој на екипите им посака успех и продолжување на традицијата во организација на овој турнир.
На турнирот, кој годинава се организира по петти пат, покрај екипите на Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и Министерството за внатрешни работи, учествуваат екипи од повеќе општини од Република Македонија, од каде има загинати бранители.
Турнирот во мал фудбал „Херои на Македонија“ се одржува во организација на Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Здружението „Херои на Македонија“.