Денес, 11-ти април (петок), во рамките на воената вежба „Македонски Блесок-10” на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ беше реализирана програма за Денот за високи гости на која присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, Директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, воените аташеа акредитирани во Република Македонија, претставници на Канцеларијата за врски на НАТО, претставници на локалната самоуправа од Штип, Неготино и Кавадарци и други високи гости.
Пред гостите, припадниците на АРМ кои ги сочинуваат средната пешадиска баталјонска група (СПБГ) и Лесната маневарска болница (ЛМБ), демонстрираа различни борбени постапки и ситуации кои беа дел од содржините за оценување на овие две декларирани единици на АРМ, при што беше прикажана врвна обученост и извежбаност, а имаа прилика и да се запознаат со тактичко-оперативниот центар на СПБГ, опремата и персоналот на ЛМБ и штабот на вежбата.
Министерот Џафери искажувајќи го задоволството од она што беше прикажанао на Денот за високи гости, рече дека обученоста на декларираните единици кои уште еднаш покажаа способност за ангажирање во операции предводени од НАТО, ни дава можност во наредните три години да бидат дел од басенот на сили кои се предвидени за ангажирање на мировни мисии, што ќе овозможи извршување и на Уставните функции на АРМ.
Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески нагласи дека успешното организирање и реализација на вежбата „Македонски Блесок-10” претставува уште еден голем успех и потврда за исополнувањето на стандардите на НАТО од страна на АРМ. Тој истакна дека првичната оценка на оценувачкиот тим на НАТО за СПБГ и ЛМБ е позитивна, при што укажа на важноста од сертифицирањето на ЛМБ која покрај употребата за потребите на АРМ, ќе може да јa користат и другите институции и населението во одредени вонредни прилики. Генералот Котески пред гостите го истакна и значењето на ЛМБ која ќе влезе во составот на Балканските медицински сили, чиј штаб ќе биде во Република Македонија.
Оценувањето на СПБГ и ЛМБ на „Македонски Блесок-10” го спроведуваше оценувачки тим на НАТО, составен од 16 члена од различни команди на НАТО, а од кои најголем дел се претставници на армии од земји членки на НАТО и ПзМ.
Утре е последниот ден на вежбата, кога е предвидено да биде првично и неофицијално соопштена оценката од спроведеното оценување согласно Концептот за оперативни способности на НАТО (НАТО оценување – Ниво 2).