Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по учеството на состанокот на иницијативата DECI во Република Хрватска, како дел од планираните билатерални армиски активности, денес престојуваше во официјална посета на Вооружените сили на Србија.
Генералот Ѓурчиновски во текот на денешниот ден престојуваше во Генералштабот на Војската на Србија, каде по пречекот со воени почести оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал Милан Мојсилович.
За време на состанокот е разговарано за билатералните воени односи, учеството и соработката на двете армии во регионалните безбедносни иницијативи, како платформи кои придонесуваат не само за градење на добрососедски односи и меѓусебна доверба, туку и за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
Во рамки на посетата, генералот Ѓурчиновски заедно со делегацијата ја посети Воената академија во Белград каде му беа презентирани капацитетите на оваа институција по што оствари средба со министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
Регионалните иницијативи во кои учествуваат Србија и Северна Македонија се иницијативата СЕДМ, Балканските медицински сили, иницијативата Б-9 на началниците на Генералштабови и Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК преку кои земјите членки ја унапредуваат меѓусебната соработка и разбирање.