Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски оствари протоколарна средба со новоназначеното нерезидентно одбранбено аташе на СР Германија, акредитиран во Република Северна Македонија, потполковник Дирк Вебер и потполковник Ханс-Петер Вамслер кој досега ја извршуваше оваа должност со седиште во Тирана, Република Албанија.
Генералот Ѓурчиновски упати честитки до потполковник Дирк Вебер, посакувајќи му успех во извршувањето оваа должност, продолжување и продлабочување на одличната соработка помеѓу двете армии. Исто така изрази благодарност за поддршката во полето на едукацијата на нашите кадри на воено-образовните институции во СР Германија.
На денешната средба на потполковник Ханс-Петер Вамслер му беше врачена златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка која му беше доделена по повод 18 Август, Денот на Армијата.
За време на престојот во Генералштабот, одбранбените аташеи беа примени и од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и заменикот на НГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин.