Баталјонот за почести (бП), во рамки на церемонијата на свечено менување на државното знаме пред Владата на Република Македонија и пред вилата на Претседателот на Република Македонија на Водно, го одбележа денот на единицата.
Како дел од сценариото во рамки на одбележувањето на денот, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант, д-р Ѓорге Иванов, ја врачи првата македонска офицерска сабја на командантот на бП, потполковник Иван Атанасоски.
Промоцијата на првата македонска офицерска сабја за почести е по повод одбележувањето на 75 годишнината од Денот на баталјонот за почести. Сабјата ќе има церемонијално значење при пречекот на високи гости, на министри за одбрана, началници на генералштабови и во склоп на церемониите што ги организира АРМ. Композицијата на сабјата е адаптирана да ги претставува македонската историја, култура и традиција.
Воедно на церемонијата на која присуствуваше и началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше промовирана и монографијата „Почесна гарда на Армијата на Република Македонија“.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на бП е определен 11-ти ноември во спомен на традициите на Првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.