Припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на командата за операции (КО), со воена свеченост која се реализира во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа 10 јуни-Денот на единицата.
Честитајќи го Денот на припадниците на ВИНГОТ, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска информираше за плановите за развој на военото воздухопловство и за вчера потпишаниот договор со кој Северна Македонија заедно со уште девет сојузници ја формираа мрежата на Центри за обука на пилоти, која ќе го зголеми капацитетот на Алијансата за тренинг и обука на воени пилоти.
„Нашите планови се целосно да го обновиме воздухопловниот дел, во поглед на воздухопловна опрема или хеликоптери од западно производство, но во тој дел плановите се првите исплати да започнат во 2024-2025 година, што значи следниве три години практично ќе работиме на аквизицијата, но до тој момент ние можеме да ги користиме постоечките хеликоптери“, рече министерката.
Во контекст на ново-формирана мрежа на Центри за обука, министерката истакна дека десет НАТО партнери меѓу кои и Северна Македонија, потпишаа договор за формирање на мрежа на центри за обука на пилоти.
„За прв пат нашиот Центар за обука на пилоти кој што сега е веќе дел од армискиот Генералштаб, односно дел од воздухопловниот ВИНГ, Центарот за обука на пилоти тука во Скопје, ќе биде дел од оваа мрежа на НАТО обука на пилоти. Тоа значи дека ние ќе можеме да се потпреме на ресурси на другите земји сојузнички, но и нивни кандидати и нивни пилоти ќе може да добиваат дел од обуката и тука“ рече министерката Шекеринска.
Командантот на единицата, полковник Стојко Пејовски пред присутните се осврна на развојот на единицата истакнувајќи ги учествата во меѓународните вежби, мисии и помош на граѓаните кои воздухопловниот ВИНГ го прават единица која постигнува резултати за почит.
Во обраќањето им порача на припадниците на единицата со примена на досегашното стекнато искуство да продолжат со остварувањето на целите во имплементирање на поставените задачи кои произлегуваат од членството во НАТО. Во тој контекст го посочи и сквадронот за обука и тренинг од состав на единицата кој има задача да обучува нови пилоти и воедно е деклариран во флајт тренинг иницијативата за обука на пилоти за потребите на земјите членки на НАТО.
Командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини честитајќи го денот на единицата истакна дека единицата е одлично оспособена и обучена за својата мисија и задачи и за низа други предизвици со кои се соочуваше во минатото на кој секогаш одговараше со успех. Притоа истакнa дека припадниците на единицата секогаш се со граѓаните помагајќи во најтешките моменти за време на природните непогоди. Оддавајќи признание за покажаните резултати го искажа очекувањето да продолжат со исто темпо и посветеност.
Пред стројот беа прочитани стимулативни мерки од Началникот на ГШ и командантот на КО со кои на припадници од единицата кои се истакнале во работата им се доделуваат стимулативни мерки.
Во рамки на воената свеченост, се реализираше прелет на воздухоплови Ф-16 од грчкото воено воздухопловство како дел од воздухопловното патролирање на НАТО, по што следуваше и прелет на дел од воздухопловите со кои располага воздухопловниот ВИНГ.
На свеченоста покрај Министерката Шекеринска, присуствуваа и заменик Министерот за одбрана, Башким Хасани, државниот секретар Драган Николиќ, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
Денешниот датум е одреден за ден на вВИНГ, во сеќавање на првиот лет со воен воздухоплов во Армијата во 1992 година. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога се формира воздухопловна бригада, а од 2020 година согласно трансформацијата на Армијата по приемот во НАТО повторно се формира како воздухопловен ВИНГ.