Припадниците на АРМ традиционално по дванаесетти пат го одбележаа „18 февруари – Денот на Меѓународните Воени спортови“. Овој спортски настан денес истовремено се одржува во сите гарнизони на АРМ, каде припадниците на АРМ под мотото „Ден на трчањето и здравје за сите“ се натпреваруваат во следните дисциплини: крос за мажи и жени, мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг и шах.
По тој повод во генералштабот на АРМ од страна на началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски се додели диплома и пехар со амблем на МСВС на професионалниот војник Милош Ранчиќ од воздухопловната бригада кој е прогласен за „Спортист на годината 2016“. Оваа титула тој ја доби за неговото залагање за развојот на спортот во АРМ.
Во редовите на АРМ голем број на нејзини припадници во изминатиот период постигнуваат значителни резултати во спортот како на домашната така и меѓународната сцена. За одбележување секако се и успесите на припадниците на АРМ: мajoр Игор Јакимовски, со 325 официјални настапи на најразлични атлетски дисциплини и учество на три Воени олимпијади, а на последниот маратон долг 42,2км кој се трчаше во Швајцарија со воена опрема и ранец од 6,5кг го истрча за 3 часа и 42 минути како првопласиран од претставниците од странските армии. Десетарот Љубомир Спасиќ во дисциплината кајак на диви води е рангиран на четврто место за 2016 година на конечната Европска ранг листа на Европската кајак федерација. Помлад водник Цветановски Игор е повеќекратен победник на трките на 10 км организирани по повод денот на АРМ и прогласен за спортист на годината во АРМ за 2014 година, а разводник Димеска Марија е победник на 9 и10 крос кантри првенство на АРМ, а има и повеќе учества на меѓународни и национални биатлонски натпревари.
За учество на овие манифестации потребно е многу труд, посветеност, храброст, дисциплина и мотивираност да се продолжи по патот на успехот кои се клучни вредности на војничката професија.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови. Во текот на изминатата година АРМ беше домаќин на 31-то Светско воено првенство во борење на кое учествуваа околу 400 спортисти од 32 земји од 4 континенти ја потврдува посветеноста кон воените спортови.
Со учеството на воените спортски манифестации се промовираат вредностите на армијата, се развива духот на толеранција и меѓусебно почитување, се унапредуваат одбранбените способности на земјата придонесувајќи во јакнењето на мирот во светот.