Во присуство на највисокото воено раководство, припадниците на Здружената оперативна команда (ЗОК) како најголема команда во Армијата на Република Северна Македонија со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово, го прославија 17 Октомври, Денот на единицата.
Пред ешалоните на припадниците на командата и сите потчинети единици на ЗОК, во својот говор командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски пред присутните, истакна: „Во годинава меѓу двата празници, се случија многу суштински промени кои што во ваква прилика треба да се истакнат особено, бидејќи тие промени позитивно влијаат на перспективите на сите нас во Армијата и има уште многу работи кои во оваа свечена прилика би можеле да бидат истакнати, но ќе кажам само, дека ние во ЗОК нема да ги напуштиме темпото и квалитетот на работата по кои сме препознатливи“.
Во рамки на свеченоста од страна на военото раководство беа пофалени и наградени повеќе припадници на ЗОК за остварените резултати во работењето. Воедно, како резултат на одличната соработка со локалната самоуправа Куманово од страна на Началникот на Генералштабот беше доделена голема плакета на Армијата.
На свеченоста, покрај Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и генерали во Армијата, команданти на единиците и други гости од МО и ГШ на Армијата, цивилните структури и претставници на медиумите.
Со одлука на Претседателот на Република Северна Македонија 17 октомври е определен за ден на ЗОК, како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата. На 17 октомври 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското (во македонската историографија познато и како кресненско) востание, ден кога воедно е кренато востанието.
Здружената оперативна команда, како команда од оперативно рамниште отпочна да функционира како Армиски Корпус, по што во 2000 година се трансформира во 1.Армиски Корпус, во 2002 година се преименува во команда на копнената војска, а од 2005 година се преструктуира според стандардите на НАТО во сегашното име.
Како највисока команда на оперативно рамниште во Армијата, ЗОК е најодговорна за подготовка на командите и единиците од својот состав за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на Републиката, учествува во операции за поддршка на мирот и да придонесува во заштита на пошироките интереси на Републиката.