Денес, 27 април 2026 година, на армискиот полигон „Криволак“ беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „БЛЕСОК 26“.
На настанот присуствуваа: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување-Грција генерал-потполковник Григориос Боунтлиакис, началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол контраадмирал Торстен Маркс, генерали од Армијата, воено-дипломатскиот кор, претставници од локалната самоуправа и други гости.
Во своето обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече: „Нашата Армија е фактор на стабилност и чувар на глобалниот мир. Денес повеќе од 180 припадници на Армијата, под македонското знаме, се вклучени во мировни мисии и операции. Таа додаде и дека „Силата на една современа Армија не се мери само со опремата којашто ја поседува, туку и со меритократијата во регрутирањето и унапредувањето, постојана стручна надградба и достоинствени услови за живот и за работа на луѓето во униформа“. Претседателката на државата нагласи дека „Вежбата БЛЕСОК 26 е охрабрувачка и инспиративна потврда дека македонската Армија ја разбира природата на времето во кое живееме и сериозно се подготвува за соочување со предизвиците што ги носи“.
Министерот Мисајловски по изведувањето на показната вежба истакна дека присутните „беа сведоци не само на демонстрација на способности, туку и на дисциплина, прецизност и висок професионализам“, укажувајќи на тоа дека оценката „борбено подготвена“ е резултат на мотивираноста и способностите на армиските припадници, како и интензивниот процес на модернизација и опремување на македонската Армија. „Македонската Армија прави историски чекор напред во поглед на своите капацитети. Оперираме со нова, софистицирана опрема, како и секоја друга НАТО – армија. Нашите припадници се на исто ниво со останатите од Алијансата. Имаме целосна интероперативност, која ни овозможува заеднички да го одбраниме она што ние нам најсвето, а тоа е слободата, татковината, демократијата. Да ги одбраниме нашите вредности кои се вкоренети во македонското општество“, истакна министерот. Мисајловски упати честитки до сите армиски припадници вклучени во организацијата и реализацијата на оваа вежба, за која рече дека е исклучително сложена имајќи предвид дека над 1.500 армиски припадници работеа на фиктивно сценарио со 25 настани и над 100 инциденти.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање наведе: „Нашата најголема НАТО цел на способност, Лесната пешадиска баталјонска група се здоби со статус „mission capable“ или „борбено подготвена“. Огромен успех којшто е резултат на јасна стратегиска насока и напорна работа. Успех којшто се темели на одржлив и систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација, реализиран во согласност со највисоките НАТО стандарди“. Генералот притоа дополни „Зад ова достигнување стои колективниот напор на сите припадници на Армијата. Достигнување коешто е резултат на исклучителната синергија помеѓу Армијата и Министерството за одбрана, јасно дефинирана преку стратешки насочената мисија и кохезија“.
Контраадмиралот Торстен Маркс во своето обраќање потенцираше дека нашата држава е силен и доверлив НАТО сојузник наведувајќи: „Од приклучувањето кон НАТО во 2020 година, вие значително ја подобривте вашата одбранбена позиција. Инвестирате над 2 проценти од БДП во одбраната и придонесувате во мисиите на НАТО, вклучувајќи ги КФОР и борбените групи на НАТО. Ова покажува вистинска посветеност на Алијансата и нашата заедничка безбедност, оценувајќи ги единиците според стандардите на НАТО“. Притоа тој истакна: „БЛЕСОК 26 јасно ја демонстрира интероперабилноста на дело“, потенцирајќи го задоволството што Лесната пешадиска баталјонска група е оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.
Вежбата „БЛЕСОК 26“ е продолжение на серијалот вежби „Македонски Блесок“. На оваа вежба, на која учествуваа над 1.500 припадници од Армијата, се изврши и оценување на НАТО целта на способност – Лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), при што од страна на оценувачкиот тим и НАТО мониторите, единицата се стекна со статусот „борбено подготвена за извршување на својата мисија“. Со оцената, ЛПБГ ја потврди својата обученост, високата борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците.








