Денес, 17-ти септември 2015 година (четврток), во хотелот Гранит во Охрид, се одржа деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5). Конференцијата ја отвори Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, а покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски како домаќин, учествуваа: командантот на Сојузничката команда на НАТО во Неапол и претставник на САД, НГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија, Босна и Херцеговина, заменикот на НГШ на ВС на Хрватска и НГШ на ВС на Црна Гора, како набљудувач присуствуваше НГШ на ВС на Словенија, а во улога на гостин командантот на Косовските безбедносни сили.
На отворањето на конференцијата, Претседателот Иванов истакна: „Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите. Државите од Јадранската група мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци.“ Потенцирајќи ја неопходноста за прием на Република Македонија во НАТО, претседателот Иванов нагласи: „Со 16 акциони плана за членство, 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, Армијата на Република Македонија стана најпроверувана армија во историјата на НАТО. Тоа за нас создава големи обврски без никакви привилегии. Ги браниме интересите на Алијансата, иако не сме во Алијансата. Време е и Алијансата да ги брани своите интереси со тоа што ќе ни го дадат одамна заслуженото членство.“
Во изјавата за медиумите по отварањето на конференцијата, генералот Величковски изјави: „Не очекуваат предизвици кои беа нагласени на конференцијата. Верувам дека заклучоците кои ќе бидат донесени ќе бидат во корист на сите армиии, а за АРМ се надевам дека ќе биде дополнителен импулс следната година заедно да го прославиме влезот во НАТО алијансата на самитот во Варшава.“
Главна тема на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите-членки на А5 беше „Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите“.
Началниците на ГШ на армиите од А5 денес потпишаа заедничка изјава со која препознавајќи ги претходните заложби и придонеси, ја реафирмираа нивната постојана посветеност на основачките принципи на САД – Јадранската повелба потпишана во Тирана, во мај 2003 година. Тие ги поздравија и посебно ги истакнаа достигнувањата за заедничкиот придонес во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, воспоставувањето на каталогот на A5 специфични капацитети и воени способниости за одговор и справување со кризи, како и реализацијата на вежбата за хуманитарна помош и одговор на катастрофи „Здружена реакција 2015“ под водство на Албанија.
На маргините на конференцијата, НГШ на АРМ оствари повеќе средби со неговите колеги од армиите на А5, а беа остварени и повеќе билатерални средби помеѓу останатите учесници.