Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Тод Волтерс во рамките на својата официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
По интонирањето на химните на НАТО и Република Северна Македонија и пречекот со високи воени почести од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, генералот Волтерс оствари средби со својот домаќин и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
За време на средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Волтерс се разговараше за тековните процеси кои се одвиваат во Армијата на Република Северна Македонија со цел потполна интеграција во НАТО, како што се процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата и нивото на постигнатите цели и способности, како и за заедничките активности во кои учествуваат припадниците на Армијата на меѓународните вежби и мировните операции предводени од НАТО.
Посакувајќи му добредојде и благодарност за укажаната чест, министерката Шекеринска на средбата со високиот воен авторитет на Алијансата, генералот Волтерс, рече дека Северна Македонија како најнова членка на НАТО е фокусирана на обврските кои произлегуваат од членството, посветена на вредностите и принципите на Алијансата и активно придонесува во регионалната безбедност и зацврстување на единството во НАТО.
„Од земја која три децении посакуваше да стане членка на НАТО, сега сме дел од Алијансата со активен придонес во регионалната безбедност. Со стабилното зголемување на одбранбениот буџет, вложуваме во модернизација и зголемување на капацитетите на Армијата со особено внимание на транспарентноста на процесот“, рече министерката.
„Приемот на Северна Македонија во НАТО минатата година претставува вистински регионален успех. Вашиот воен придонес кон Сојузничката команда за операции имаат витално значење за мирот и стабилноста на Западен Балкан и безбедноста на Европа“, рече генералот Волтерс на средбата со министерката Шекеринска.
Како дел од програмата за посетата, во касарната „Илинден“ пред високиот гостин преку показни вежби изведени од страна на припадниците на Армијата од неколку единици, се демонстрираше обученоста во одредени активности со примена на стандардите и процедурите во операциите на НАТО.
Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа (SACEUR) е еден од двајцата стратешки команданти за НАТО кој командува со операциите на сојузничката команда (ACO). Тој е одговорен пред највисокото воено тело на НАТО – Воениот комитет, за целосното насочување и спроведување на воените операции на НАТО. Генералот Тод Волтерс ја извршува оваа функција од мај 2019 година. Воедно тој е командант на силите на САД за Европа.