Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес (22-ри октомври) го посети гарнизонот Прилеп. Посетата на началникот на ГШ на АРМ на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп се одвива во рамките на планот за обиколка на гарнизоните на АРМ, кој започна да се реализира на почетокот од месецов, при што досега ги посети Здружената оперативна команда (ЗОК) во гарнизонот Куманово и гарнизонот Штип.
Во рамките на посетата на гарнизонот Прилеп, припадниците на АРМ кои извршуваат редовни задачи во овој гарнизон, од страна на НГШ на АРМ беа информирани за извршувањето на задачите, наредните планови и актуелната состојба во АРМ.
Ова е прва официјална посета на генералот Котески касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп по нејзиното реактивирање на почетокот од оваа година. Тој на припадниците на АРМ кои се дел од оваа касарна, им оддаде признание за постигнатите резултати, како и за напорите за унапредувањето на условите за живот и работа во гарнизонот Прилеп кои тие ги дадоа во изминатите девет месеци.
Денес, за време на посетата, НГШ на АРМ беше придружуван од: командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Павле Арсоски, дел од началниците на секции од ГШ на АРМ и командантот на гарнизонот Прилеп.
Со обиколката на касарната „Мирче Ацев“ беа согледани нејзините капацитети, функционалноста и условите за живот и работа во неа, при што беше констатирано дека припадниците на АРМ имаат услови за нормално извршување на задачите. На крајот од посетата на гарнизонот Прилеп, НГШ на АРМ оствари средба со клучниот персонал од овој гарнизон, на која присутните имаа можност да постават прашања поврзани со фунционирањето на службата, од нормативно-правна природа и актуелни прашања од интерес на припадниците на гарнизонот Прилеп.
Во касарната „Мирче Ацев“ е лоциран артилерискиот баталјон кој е потчинета единица на 1. механизирана пешадиска бригада, заедно со единица за логистичка поддршка.