Денес (9 април 2015 година) со високи воени почести во ГШ на АРМ беше пречекана висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Словенија, предводена од Началникот на ГШ генерал-мајор Андреј Остерман кој од вчера се наоѓа во официјална посета на АРМ.
Во обраќањето пред медиумите Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, соработката со ВС на Република Словенија ја оцени како одлична и дека таа во наредниот период ќе се унапредува и на други полиња. Нагласувајќи го значењето на размената на искуствата од учеството во меѓународните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН, а во контекст и на соработката во регионот, истакна дека АРМ ќе преземе дел од искуствата на словенечката армија, во однос на заштитата на воздушниот простор и организирањето на противвоздушната одбрана на територијата на Република Македонија. НГШ на АРМ ја потенцираше повеќегодишната соработка низ реализација на заеднички вежби на полигонот ,,Криволак“, при што укажа на можноста за организација на заеднички вежби со гаѓање од артилериски орудија од поголем домет.
Изразувајќи задоволство од одличната соработка со АРМ, генералот Остерман искажа подготвеност за проширување на истата на повеќе полиња и заедничко учество на вежби, но и реализација на други форми на соработка од корист на двете армии.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на средбата со НГШ на ВС на Република Словенија, искажа благодарност до Република Словенија и нејзините вооружени сили за сестраната поддршка на евроатланските интеграции на Република Македонија, при што нагласи дека соработката на полето на одбраната помеѓу двете земји во наредниот период ќе се развива во нагорна линија.
На средбата во ГШ на АРМ, покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, се разговараше и за реализација на конкретни проекти за заедничка обука помеѓу двете армии, а беа разменети и искуства од учеството во меѓународните мисии.
За време на престојот во Република Македонија, НГШ на ВС на Република Словенија, го посети Центарот за обука на пилоти каде беше запознаен со капацитетите и можностите за обука.